СО „ ЛЕТАМЕ ВО ВСЕЛЕНАТА“ ОСНОВЦИТЕ ОД „ ЛАЗО ТРПОВСКИ“ НАГРАДЕНИ ВО БЕРЛИН

 

 

Основците од ООУ  „ Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училишен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај  2019 -та, кој , традиционално се одржува во главниот град на СР Германија, Берлин. Четвртоодделенците од ова карпошово училиште, ја освоија наградата со заеднички проект „ Летаме во вселената “, кој беше координиран од тројца наставници, кои ја имаа улогата на ментори. Дијана Петроска, Розита Костова и Стефан Симовски, успешно ги обучуваа и ги подготвија учениците од 4 а одделение, каде што нивниот проект, по успешното поминување на прелиминарната фаза од натпреварот влезе во најдобрите десет проекти, а за својот конечен пласман, наградените добија фарма за одгледување пеперутки и соодветни дипломи.

 

Овој натпревар е организиран од страна на Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС ( во чиј склоп влегува познатиот производител на патнички авиони Ербас).

 

Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение , оваа година ја донесе седумчлено стручно жири составено од претставници на организаторот – Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, универзитетски професори ( астрофизичари), наставници, германски владини претставници, парламентарци  и претставници на концернот Ербас.