КАРПОШ СЕ ПРИКЛУЧУВА КОН НЕДЕЛАТА НА УРБАНА МОБИЛНОСТ

 Општина Карпош се приклучува кон неделата на урбана мобилност. Преку низа на активности, граѓаните ќе се поттикнат да користат алтернативни превозни средства, да бидат совесни учесници во сообраќајот, да ја почитуваат поставената сигнализација, со цел да се овозможи безбедно движење за сите засегнати страни.

Утре, од 11:00 часот, на Кејот на Вардар (кај вештачката карпа), претставници од Одделението за енергетска ефикасност ќе ја примат донацијата на опрема: соларно дрво, електрични полначи и електрични тротинети.

Во среда, во 11:00 часот, градоначалникот Стефан Богоев ќе ја посети изложбата насловена како „ЕЛЕКТРОМОБИЛНОСТ 2.0“, која ќе се одржи на паркингот на ФЕИТ и Машински факултет, а во 11:30 часот, Богоев ќе биде говорник на панел дискусијата за електромобилност, во салата за состаноци на ФЕИТ и Машинскиот факултет во Скопје. 

Во четврток, од 10:45 часот, во просториите на ЗЕЛС ќе се одржи работилница: На градовите им треба план за одржлив транспорт, на која ќе учествува и градоначалникот, а претставници од Одделението за енергетска ефикасност од Општина Карпош ќе го презентираат Планот за активности за одржлива урбана мобилност. 

Во петок, локалната самоуправа се приклучува кон CAR FREE DAY (велосипедско дефиле) во организација на Градот Скопје. Дефилето ќе започне во 11:30 часот, од паркот „Ибни Пајко“ кон Градскиот парк. 

Локалната самоуправа изработи и посебна брошура – План на активности за одржлива урбана мобилност која ја опишува постоечката состојба во Карпош, како и мисијата на Општината да се обезбедат еднакви можности за мобилност за сите учесници во сообраќајот.

Општина Карпош ги поканува сите граѓани да се приклучат кон активностите, заедно да ја одбележиме Неделата на урбана мобилност, но и да мотивираме други, трајно да ги променат навиките и да дадат свој придонес кон заедницата.